Трошоците за војната против Хамас во периодот од минатата до следната година ќе изнесуваат околу 49 милијарди евра, објави Банката на Израел.
Во анализата на ТВ Канал 12, која се занимава со влијанието на војната во Појасот Газа врз израелската економија, се наведува дека државата Израел инвестирала околу 4,5 милијарди евра државни средства во различни аспекти на воените напори, вклучително и трошоци за одбрана и финансирање на повеќе од 100 илјади евакуирани и раселени од северот и југот на земјата, пишува The Times of Israel.
Околу 22,8 милиони евра се наменети за менталното и физичкото здравје на жртвите на теророт за време и по нападот на Хамас на 7 октомври, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 240 заробени.
Трошоците за поправка и обнова на уништените заедници долж границата со Појасот Газа ќе достигнат околу 98 милиони евра.
Како што се наведува, штетата на северот на Израел предизвикана како резултат на прекуграничните напади од Либан ќе достигне околу 60 милиони евра.