Израелското МО: Завршија интензивните борби во северниот дел на Газа

од Stefanija Kuzmanovska
146 прегледи

Завршија интензивните борби на израелските вооружени сили против исламистичката група Хамас на северот на Појасот Газа, соопшти израелското министерство за одбрана.

Интензивната фаза на копнената офанзива на југот на крајбрежната енклава во областа на градот Кан Јунис наскоро ќе заврши, изјави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, пренесува „Тајмс оф Израел“.

„На крајот на војната нема да има воена закана од Газа. Хамас нема да може да контролира и да функционира како воена сила во Појасот Газа, а ИДФ ќе има целосна слобода на дејствување да направи се што е неопходно за да ги одбрани граѓаните на Израел“, рече Галант.

„Можеби ќе биде потребно долго време, но тоа ќе заврши со тотална победа. Иако периодот на интензивни борби наскоро ќе заврши, вооружените сили мора да продолжат со воениот притисок за да обезбедат ослободување на преостанатите израелски заложници во Газа“, додава тој.

Доколку дојде до прекин на огнот, судбината на заложниците ќе биде запечатена многу години во заробеништво на Хамас, подвлече Галант.

„Без воен притисок, никој нема да разговара со нас. Заложниците можат да бидат ослободени само од позиција на сила“, рече тој.

Меѓународниот притисок постојано се зголемува врз Израел да го намали интензитетот на нападите и да спречи масовни цивилни жртви за време на нападите во Појасот Газа. Вашингтон го повика Израел да премине од силно бомбардирање на повеќе насочени напади против исламистичката милитантна група Хамас.

Слични содржини