Во својот последен извештај, Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) го обвини Израел дека притворил исто толку новинари како Иран, додека израелската армија (IDF) тврди дека новинарите уапсени во Појасот Газа се поврзани со Хамас и други терористички организации во палестинската енклава .
По нападот на Појасот Газа, Израел заедно со Иран се најде на шестото место на листата на земји во светот со најголем број приведени новинари, според податоците на CPJ за 2023 година.
Како што пренесува „Jerusalem Post“, Иран и Израел со по 17 приведени новинари го делат шестото и седмото место на таа листа, зад Кина, Мјанмар, Белорусија, Русија и Виетнам.
IDF објави докази претходно овој месец дека двајцата новинари од Газа убиени од израелската армија се терористи.
CPJ документира дека на 1 декември имало 320 новинари во затворите ширум светот, што е втор најголем број регистриран од организацијата од почетокот на евиденцијата во 1992 година.
Кина, Мјанмар и Белорусија задржаа повеќе од една третина од приведените новинари – вкупно 115.
Од тој број, 44 новинари се приведени во Кина, 43 во Мјанмар и 28 во Белорусија.
Минатата година Израел уапси најголем број палестински новинари од 1992 година, кога започна регистрацијата на уапсените новинари во регионот.
Извештајот на CPJ се фокусира на уапсените на окупираниот Западен Брег по 7 октомври.
CPJ истакнува дека повеќето од палестинските новинари биле во административен притвор без обвиненија, бидејќи израелските безбедносни сили претпоставуваат дека уапсениот можеби планирал друг прекршок.
Оттаму велат дека добиле неколку поплаки од неколку семејства дека нивните најблиски биле затворени поради, како што веруваат, објавите на социјалните мрежи.
Во извештајот се наведува дека од почетокот на војната, Израел има притворено повеќе од 20 новинари, но дека бројките за 2023 година не ги вклучуваат оние објавени пред 1 декември.