Премиерот Димитар Ковачевски синоќа ги прими лидерите од регионот на работна вечера пред нивната утрешна средба со претставници на САД и ЕУ посветена на Планот за раст за Западен Балкан усвоен од Европската комисија. Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ го откажа учеството поради, како што наведе, „непредвидени обврски“.
Ковачевски на социјалната мрежа „Х“ посочи дека неговите гости ги потврдиле ставовите за интеграцијата на регионот во ЕУ.
„Во пресрет на утрешната средба на лидерите во Скопје, посветена на Планот за раст за Западен Балкан усвоен од Европската комисија, вечерва во пријателска атмосфера со лидерите на земјите од Западен Балкан, ги потврдивме ставовите за интеграцијата на регионот во ЕУ“, објави синоќа премиерот.
Во пресрет на утрешниот Лидерски состанок во Скопје, посветен на Планот за раст за Западен Балкан усвоен од Европската Комисија, вечерва во пријателска атмосфера со лидерите од Западен Балкан ги потврдивме нашите ставови за интеграција на регионот во ЕУ. pic.twitter.com/zAhdnCWwgP
— Dimitar Kovachevski (@DKovachevski) January 21, 2024
Тој оцени дека во ЕУ место имаат сите земји од регионот.
„Местото на сите држави од регионот е во ЕУ и го имаме потребниот лидерски потенцијал да донесеме храбри одлуки за подобра иднина. На сите нас – и во Западен Балкан и во Европа – ни треба единство и стабилност“, заклучи Ковачевски.
Местото на сите држави од регионот е во ЕУ и го имаме потребниот лидерски потенцијал за носење на храбри одлуки за подобра иднина. На сите нас – и на Западен Балкан и на Европа, ни се потребни единство и стабилност. pic.twitter.com/Qnt51GP0Y3
— Dimitar Kovachevski (@DKovachevski) January 21, 2024
На утрешната средба нема да присуствува претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, поради, како што наведе, „непредвидени обврски“.
„Всушност, морав да ја откажам претходно прифатената покана на премиерот на Северна Македонија поради непредвидени обврски. Имајќи ја предвид важноста на настанот, Кабинетот на претседателот испрати писмо до Министерството за надворешни работи на 17 јануари 2024 година со предлог на конференцијата да учествува и претставник на Владата на Црна Гора. Тогаш Владата на седницата одржана на 18 јануари 2024 година го прифати мојот предлог и утврди соодветно ниво на застапеност на државата на споменатиот настан“, напиша Милатовиќ на платформата „Х“.