Светски берзи: Доларот зајакна, цените на нафтата благо опаднаа

од Stefanija Kuzmanovska
252 прегледи

На повеќето азиски берзи цените на акциите утринава пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваат на нови стимулативни мерки во кинеската економија, додека вредноста на доларот благо порасна во однос на кошничката валути.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше во плус 0,5 отсто за околу 7 часа, враќајќи дел од загубите од претходните денови.

Утрово на токиската берза Никеи индексот падна за 0,1 отсто, а за толку паднаа и цените на акциите во Шангај. Меѓутоа, во Јужна Кореја, Австралија и Хонг Конг тие се зголемија меѓу 0,4 и 2,5 отсто.

Силниот раст на цените на акциите во Хонг Конг е благодарение на надежта на инвеститорите за нови стимулативни мерки, со оглед на бавниот раст на кинеската економија, но и на корекцијата на цените по остриот пад во претходните денови. На останатите берзи во регионот се тргува внимателно бидејќи нема многу причини да се купуваат поризични инвестиции.

По силниот раст од претходните денови, утрово јапонскиот Никеи индекс благо се лизна од највисоките нивоа во последните 34 години.

Доларот зајакна, цените на нафтата благо опаднаа

А на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката валути благо порасна.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 103,30 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 103,19 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 148,05 на 148,35 јени.

Сепак, цената на американската валута стагнира во однос на европската, па курсот на еврото е околу 1,0905 долари, колку што беше и вчера во ова време.

Цените на нафтата, пак, благо опаднаа, по вчерашниот силен раст. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово се лизна за 0,21 отсто, на 79,95 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,19 отсто, на 74,60 долари.

Слични содржини