Неуспехот на САД и Европа да одобрат дополнителна помош ја остави Украина со недостиг од оружје, муниција и човечки ресурси. Рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци дека е подготвен да попушти, па западните влади сега отворено разговараат за друга опција – конфискација на замрзнатиот руски државен имот и негово предавање на Украина, пишува „Блумберг“.
Идејата Русија да плаќа за агресијата со сопствени средства има непобитна морална и практична привлечност. Но, сегашната конфискација на суверени средства може да ја влоши ситуацијата во Украина.
Русија ќе ја оспори секоја конфискација пред судовите на различни земји. Малку е веројатно дека Украина ќе добие пристап до парите долги години, па дури и децении, ако се следат сите процедури, додава „Блумберг“.
Со оглед на правните расправии, конфискацијата на суверен имот во таков обем би претставувал преседан што може да се злоупотребува во иднина, поткопувајќи ја стабилноста на меѓународните односи и економските системи.
Со започнување на контроверзниот процес на конфискација на руски имот, западните влади ќе можат да тврдат дека нешто прават. Но, тоа нема да помогне да се спаси Украина.