Навестувањата дека САД би можеле да престанат да испраќаат помош за Украина, до одреден степен, се остварија.
Шефот на Пентагон, Лојд Остин, изјави дека американската администрација останала без пари за помош на Украина, па Вашингтон повеќе не може да го снабдува Киев со проектили и муниција со истото темпо како пред една година.
Во исто време, американскиот секретар за одбрана ја повика Контакт групата за одбрана на Украина да ги покрие потребите на Киев додека конгресмените во Вашингтон не го одобрат соодветното законодавство.
„Затоа ја поканувам оваа група да ‘копа длабоко’ за да ѝ обезбеди на Украина копнени системи за противвоздушна одбрана кои спасуваат животи и пресретнувачи“, рече Остин во видео обраќањето до јавноста од неговиот дом, прво негово огласување по операцијата.
Остин, сепак, рече дека САД ќе ја поддржат Украина „во нејзината борба за слобода“.
Помошникот секретар за одбрана за меѓународни прашања Селест Валандер по обраќањето на Остин изјави дека украинското министерство за одбрана добива извештаи од фронтот дека „единиците ги немаат потребните резерви на оружје и муниција“.
„Тоа е една од причините зошто се фокусиравме на потребата да одговориме на прашањата на Конгресот, за да можат да продолжат со одлуката“, рече таа.
Остин потсети дека на крајот на декември минатата година Пентагон ја објави својата 54-та финансиска поддршка за Украина во вредност до 250 милиони долари. Но, САД оттогаш не можат да му обезбедат дополнителна муниција на Киев бидејќи американскиот Конгрес допрва треба да одобри дополнително финансирање.
Очекувано, пристигна реакцијата на Москва. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е во тешка ситуација.
„Зеленски е во многу тешка ситуација, престанаа да му даваат пари“, наведе Песков.
Тој истакна дека нема доволно гранати за Зеленски во странство, додека на европските претставници им порача дека „непотребно фрлале пари на Украина“.