Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој се соочи со жестоки критики за неговата одлука да се откаже од својата работа за да се кандидира на претстојните избори во ЕУ, сега се повлекува од трката, изјавија за Politico.eu два извори запознаени со одлуката.
Одлуката доаѓа неколку дена пред состанокот на европските лидери во Брисел.
„Сите мои напори ќе ги посветам на моите сегашни обврски со непоколеблива решителност додека не завршат. Секогаш ќе бидам жесток застапник на Европа која е демократска, силна, обединета и господар на сопствената судбина“, сподели Мишел на Фејсбук во петокот вечерта.
„На крајот на овој мандат ќе размислувам за природата и насоката на моите идни обврски. Мојот избор предизвика интензивно медиумско внимание и шпекулации. Предвидував дел од тоа, со оглед на невидената – некои би рекле храбра – природа на мојот пристап“, напиша Мишел во својата изјава на Фејсбук, осврнувајќи се на неговата најава дека се кандидира за изборите во ЕУ.
Но, додаде тој, „не сакам оваа одлука да нè оттргне од нашата мисија или да ја поткопа оваа институција и нашиот европски проект или да биде злоупотребена на кој било начин за да се подели Европскиот совет, кој верувам дека мора неуморно да работи за европското единство“.
Изненадната одлука на Мишел да се кандидира на европските парламентарни избори во јуни, што ќе значеше повлекување неколку месеци пред крајот на неговиот мандат, предизвика бурни реакции кај претставниците на ЕУ, европските дипломати и парламентот.
Официјалните лица ја сфатија неговата ненадејна објава како сигнал дека тој и придава поголемо значење на својата политичка иднина отколку на неговата сегашна улога како претседател на Европскиот совет, пишува Politico.
Потегот на Мишел, исто така, го зголеми притисокот врз европските лидери да најдат компромис за главните работни места во ЕУ.
Доколку биде избран за член на Европскиот парламент – што беше многу веројатно ако се кандидираше – Мишел ќе мора да ја преземе функцијата во средината на јули, отворајќи ја вратата за унгарскиот евроскептичен премиер Виктор Орбан привремено да претседава со состаноците на лидерите на ЕУ.