Град Скопје денеска соопшти дека за првпат по 60 години отпочнуваат со целосно чистење и санација на старата градска депонија Вардариште.
Како што се наведува во соопштението во студијата изготвена за градот Скопје во 2014 година, било констатирано со примероци од подземна вода, отпад од телото на депонијата и присутните гасови и дека депонијата е во метанска стабилна фаза, а согласно гантограмот од динамиката на работите, времето за реализација на еден ваков комплексен проект изнесувал 26 месеци.
„Актуелното градско раководство го направи она кое што не му успеа на ниту едно претходно, а тоа е да стави крај на една од најголемите опасности по животот и здравјето на граѓаните во Скопје.Со варијантата со која би се задржале далноводите на својата местоположба, се прави заштитен појас од 12 метри лево и десно, по што следи изградба на спортски игралишта, одвоено од остатокот на локацијата со зелена зона со високо зеленило. На северозападната страна планирани се дополнителни спортски содржини и терени, за централниот и североисточниот дел расад на рози, а за јужната страна изградба на парк на 60 илјади метри квадратни“, велат од Град Скопје.
Во активноста се вклучени јавните претпријатија Комунална хигиена Скопје, Улици и патишта, Паркови и зеленило.
„На местото на депонијата ќе биде изграден голем спортски комплекс со спортско-рекреативни содржини и терени како и нов мега парк. Оваа локација од место кое е опасно по здравјето на граѓаните градот Скопје ќе ја претвори во локација за спорт и рекреација која ќе влијае позитивно на здравјето на граѓаните и ќе го подобри квалитетот на живот. Ова е реализација на уште еден успешен проект од програмата За модерно Скопје, со кој покажуваме дека доколку се сака и се знае како, може да се делува и работи поинаку. Нашите сограѓани заслужуваат да живеат во здрава и еколошки чиста животна средина“, се наведува во соопштението.