Белгиските земјоделци денеска продолжија со блокада на неколку локации и патни правци во земјата, вклучително и на плоштадот Меус во центарот на Брисел, недалеку во зградата на Европскиот парламент.
Според весникот „Соар“, земјоделци со трактори ги блокираа, меѓу другите, и автопатите Е42, во близина на Намур, Е19 во правецот кон Хал и Брисел кај местото От-Итр и делницата кон Монс близу Екосин, како и три пристапни патни правци кон Антверпен, вклучително и автопатот Е17.
За попладнево од 15 до 18 часот се најавени блокади на автопатите Е34 и Е17 меѓу Антверпен и Гент.
Бриселската полиција соопшти дека група земјоделци со околу 20 трактори од утрово го блокирале и плоштадот Меус во Брисел, каде пристигнале во текот на ноќта.
Според полицијата, главно станува збор за земјоделци од реонот на градот Шарлроа, кој се наоѓа на околу 60 километри јужно од Бирсел, и кои најавиле дека немаат намера да ја отстранат блокадата до четврток, за кога се најавени земјоделски протести во реонот на објектите на европските институции, каде ќе се одржува вонредниот Самит на ЕУ.
Полицијата не ја исклучува можноста на демонстрантите кај Меус да им се приклучат и нивни колеги од други делови на земјата.
Таква можност најави и 21-годишниот Матје, кој е еден од демонстрантите на плоштадот, и според кого, до вечерва најверојатно ќе пристигнат и други земјоделци.
– Многу од нашите колеги од Намур треба да ни се придружат во Брисел за прилично брзо време, нагласи Матје во изјава за „Соар“.
Не е исклучена можноста на протестот на белгиските земјоделци во Брисел в четврток да се приклучат и нивни колеги од северна Франција и Луксембург, а се споменува и можноста за целосна блокада на градот.
Министерот за земјоделство на регионот Валонија, Вили Борсус претпладнево имаше средба со земјоделците кои од вчера претпладне го блокираа дистрибутивниот центар на синџирот супермаркети „Алди“ во Ву-сур-Сур во јужна Белгија.
По средбата, Борсус изјави дека таа се одвивала во „добра клима на дијалог со многу искреност и на многу директен начин“, нагласувајќи дека ја сфатил „големата неволја“ и „длабоката загриженост“ со кои се соочуваат земјоделците и кои бараат мерки „што ќе им овозможат да живеат нормално од нивната работа“.
– Затоа се залагам за брзи мерки, кои мора да имаат траен ефект со текот на времето, посочи Борсус, која најави дека следниве денови ќе се одржат средби посветени на проблемите на земјоделците на европско, регионално и федерално ниво.
Според него, треба да се овозможи флексибилност во примената на некои стандарди од Заедничката земјоделска политика на ЕУ, за да им се даде време на земјоделците да се прилагодат на новите мерки.
Борсус додаде и дека е потребно справување со „нелојалната конкуренција“ на земјоделски производи од други делови на светот, што не подлежат на истите стандарди како оние од Европа.
– Тоа целосно го поддржувам, а според мене, целосно ќе го поддржат и европските министри за земјоделство, додаде Борсус.
Претставник на Федерацијата на млади фармери (ФЈА), која е организатор на блокадата на „Алди“ во Ву-сур-Сур, изјави дека доколку не се прифатат барањата на земјоделците не е исклучена можноста и за блокирање на други дистрибутивни центри.
Претходно, весникот „Тијд“ објави дека земјоделците од реонот на западна Фландрија за денеска попладне планираат блокада и на пристапните патишта кон второто по големина белгиско пристаниште Зибриж.
– Шолјата е преполна. Меѓу причините кои доведоа до протестот се постојаното зголемување на бројот на регулативи кои не водат сметка за земјоделците и кои ги намалуваат нивните приходи во Фландрија, Белгија и Европа, соопштија организаторите на најавената блокада на Зибриж.
Тие се незадоволни и од одредбите на ЕУ, кои според нив, на индустријата и дозволуваат да ослободува 40 пати повеќе штети гасови, отколку земјоделскиот сектор.
Организаторите на блокадите потенцираат дека земјоделците не повикуваат на насилство и не сакаат да им создаваат проблеми на граѓаните, туку само сакаат да испратат „силен сигнал“.
Според најавите, блокадата на пристаништето Зибриж на Северното Море ќе трае „најмалку 36 часа, до утревечер или до некаде во ноќта меѓу среда и четврток“.
Белгиските земјоделци бараат намалување на административното оптоварување и олабавување на европските еколошки политики, со цел, како што тврдат, да му се овозможи на земјоделскиот сектор да биде „вистински економски, еколошки и социјално одржлив“.
Според земјоделските асоцијации, потребно е „итно вистинско поедноставување на административните процедури“, „длабинска“ ревизија на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, како и спроведување на „економска, еколошка и социјална проценка од страна на Европската комисија за последиците од сите закони и ограничувања што таа ги воведе во земјоделството во последните години“.
Покрај ова, тие бараат и компензација за „сите ограничувања“, субвенции за покривање на зголемените трошоци како последица на инфлацијата, ограничување на слободниот увоз на земјоделски производи од трети земји што не ги исполнуваат стандардите што важат за продуктите од ЕУ, како и олеснет пристап до земјоделско земјиште.
За денеска е најавена и средба на белгискиот премиер Александар Де Кро со претставници на здруженијата на земјоделците.