Заменик претседателот на рускиот Совет за безбедност и поранешен претседател на Русија, Дмитриј Медведев соопшти дека Москва планира да распореди ново оружје на Курилски Острови.
Кремљ не е против склучување мировен договор со Јапонија, но под услов Курилските Острови да не се доживуваат како спорна територија, бидејќи „тоа е Русија“.
Курилските Острови се во центарот на територијалниот спор меѓу Русија и Јапонија, кои никогаш не потпишале мировен договор за официјално завршување на конфликтот кој датира од Втората светска војна.
– Курилските Острови активно ќе се развиваат и во исто време нивната стратешка улога ќе расте, вклучително и распоредување на ново оружје таму, напиша Медведев на социјалната платформа „ВКонтакте“.
Медведев коментирајќи ја изјавата на јапонскиот премиер Фумио Кишида дека Токио продолжува да се придржува до усвоената насока за решавање на „територијалното прашање“ и склучување мировен договор со Русија, истакна дека „никој не е против мировниот договор“, но оти јапонската страна е обврзана да реализира некои принципи.
Територијалното прашање засекогаш е затворено според Уставот на Русија, напиша и Медведев.