Конфедерацијата на слободни синдикати излезе на протест пред Собранието против пакетот закони за реформи во администрацијата, откако вчера пратениците дадоа поддршка за законот за административни службеници. Обвинуваат дека без јавна дебата, со европско знаменце, власта пробува на шверцерски начин да го изгласа законот.
-Овој закон нема ништо европско, со овој закон само се поттикнува непотизмот и примитивизмот. Вадењето на минималната плата да важи од март, а сите други одредби од 1.1.2025 година, мислиме дека не е време да се носи еден ваков закон, како што го кажуваат реформски и европски, а нема ништо европско, ниту реформско, рече претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
КСС со повик до пратениците, да не гласаат за измените и да се организира јавна дебата.
Ветувањето при потпишувањето на општиот колективен договор од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, дека ќе се допреговара овој дел од Законот, Ралповски рече не е исполнето.
Овој протест го поддржаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои до Собранието доставија 15 амандмани.
Според анализите, со ова темпо на реформи, во јавната администрација и оценките на ЕУ ќе ни бидат потребни 306 години да го стигнеме европското ниво, вели дополнителниот заменик министер во информатичко општество, Стефан Андоновски.