Уникатна студија на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) одговори на прашањата за тоа што очекуваат, сакаат и какви се искуствата на странските работници во Германија.
На Германија и се потребни имигранти бидејќи нејзиното население старее. Веќе насекаде има недостиг од квалификувана работна сила. Затоа целта на германската влада е да ја направи земјата интересна за квалификувани работници од странство.
Со помош на порталот „Make it in Germany“, ОЕЦД спроведе истражување на околу 46.000 странски работници во текот на 2022 и 2023 година и дојде до голем број на сознанија, пренесува Дојче веле.
Најважните земји на потекло на испитаниците се Турција (13 проценти), Индија (10 проценти) и Колумбија (девет проценти), а по четири проценти од испитаниците доаѓаат од Египет, Алжир, Аргентина, Мексико, Филипини и Русија.
Мажите сочинуваат 75 отсто од испитаниците, а меѓу нив 75 отсто се високообразовани. Третина од нив магистрирале или докторирале. Висок процент, околу 60 проценти, има барем основно познавање на германскиот јазик, а секој трет има уште повисок степен.
Иако сите ја сметаат Германија привлечна за вработување, секој трет испитаник се жали на своите искуства со германскиот имиграциски систем.
Како главна причина за размислување за заминување во Германија, мнозинството од испитаниците ја навеле надежта за добри шанси на работа и во кариерата. Често се споменуваат и безбедност, добар здравствен систем, демократија и владеење на правото, добар образовен систем и добри шанси за партнер или член на семејството.
Мнозинството (59 отсто) се „прилично задоволни“ или „многу задоволни“ од животот во Германија. Тие особено позитивно го оценија квалитетот на животот, германската култура и менталитетот на луѓето, како и културата на добредојде во Германија.
Кај испитаниците се чувствува незадоволство од контактите со канцелариите за странци, но и од платата и воопшто од финансиската состојба (40 проценти). Голем број од испитаниците изразија загриженост дека би можеле да станат жртва на дискриминација и расизам во Германија.
Оние кои дошле во Германија за време на истражувањето и таму работат дури велат дека реалноста е многу полоша отколку што мислеле. Повеќе од половина од нив велат дека се дискриминирани кога бараат стан. Многу голем број од нив, речиси 40 проценти, исто така пријавиле искуства со дискриминација и расизам во продавници, ресторани или на улица.
Испитаниците имале подобри искуства од очекуваното само со полицијата и училиштата кои ги посетуваат нивните деца.