Околу 150.000 лица се собраа денеска во центарот на Берлин, пред Рајхстагот и извикуваа антифашистички пароли насочени против екстремната десница.
Демонстрантите во Берлин формирале „човечки ланец“, а слични собири биле организирани низ цела Германија.
Плоштадот пред Рајхстагот, каде што се наоѓа седиштето на владата во Берлин, како и околните зелени површини, биле преполни со луѓе.
Толпата извикувала „Сите заедно против фашизмот“, „Срце наместо омраза“, „Расизмот не е алтернатива“ и „Слобода и еднаквост, долу АфД“, алудирајќи на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД). која стана многу популарна во последно време.
Планираните 200 собири во земјата сведочат за незадоволството на јавноста по откритието објавено на 10 јануари, дека во Потсдам во близина на Берлин во ноември се одржал состанок на екстремисти на кој се разговарало и се договорило за протерување на странците од Германија.
АфД, во контекст на инфлацијата и економското забавување, добива на популарност на анкетите, неколку месеци пред важните регионални избори на истокот од земјата.
„Не знам дали овие протести ќе влијаат на гласачите на АфД, но важно е да се испрати сигнал, бидејќи човечноста исчезнува во односите меѓу луѓето и ни треба повеќе хуманост и почитување на нашите разлики“, рекол еден од демонстрантите.
Собирот го организирал движењето „Рака под рака“, во кое членуваат околу 1.800 организации.