Шефот на француската дипломатија Стефан Сежурн денеска во Каиро изјави дека е против присилното раселување на жителите на Појасот Газа во Египет.
За време на неговата прва турнеја низ земјите од Блискиот Исток, Сежурн му рекол на својот египетски колега Самех Шукри дека целосно ја разбира загриженоста на Египет за присилното раселување на населението во Појасот Газа.
„Совршено ја разбираме вашата загриженост. Ставот на Франција е ист – ние ја осудуваме и отфрламе секоја таква акција“, кажал шефот на француската дипломатија.
Додека разговорите за можно примирје меѓу Израел и палестинското движење Хамас се интензивираат преку катарските и египетските посредници, Париз сака „примирје, но и подготовка за враќање на палестинските власти во Газа со обновена управа“, додал тој.
Од 2007 година, Палестинците живеат под две ривалски влади, владата на Хамас во Газа и палестинските власти на Махмуд Абас, која контролира делови од окупираниот Западен Брег.
Од октомври, Египет предупредува на „присилното префрлање“ на жителите на Газа во нивната пустина Синај. Египетските власти стравуваат од повторување на ситуацијата од 1948 година, кога палестинските бегалци ги напуштија своите територии поради формирањето на Израел. Сите тие бегалци немаа право да се вратат.
Новата војна меѓу Израел и Хамас почна на 7 октомври со нападот на палестинското исламистичко движење на израелска територија. Според Израел, тој ден биле убиени повеќе од 1.160 луѓе, од кои повеќето биле цивили.
Според Хамас, 27.365 Палестинци, од кои огромно мнозинство жени и деца, се убиени во Појасот Газа од почетокот на израелските бомбардирања и нивните воени операции.