Полска не исклучува руски напад врз некоја од членките на НАТО

од Radmila Tasevska
156 прегледи

Полскиот вицепремиер и министер за одбрана Владислав Кошњак-Камиш за полските медиуми изјави дека ги разгледува сите сценарија, дури и најмрачните, Русија да влезе во отворен воен конфликт со НАТО, со напад на некоја нејзина членка.

-Ги земам предвид сите сценарија, а најсериозно ги сметам најлошите. Тоа не се само празни зборови. Ситуацијата во светот е многу сериозна. Не само во Украина, тука е и областа на Црвеното Море и Тихиот Океан. Мораме да бидеме подготвени за секое сценарио, изјави Кошњак-Камиш во интервју за полскиот весник „Супер Експрес“.

Новата проевропска влада на премиерот Доналд Туск вети дека ќе продолжи со модернизацијата и зајакнувањето на полската армија и забрзаната набавка на оружје, но ќе ги провери договорите потпишани првенствено со Јужна Кореја од претходната влада.

Шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски, исто така, не го исклучува сценариото Русија да го нападне НАТО, но за полското издание на неделникот „Њузвик“ изјави дека само еден знае дали и кога ќе избие војна со Русија – рускиот претседател Владимир Путин.

-Сепак, се надевам дека нема да биде толку луд за да го нападне НАТО. Не сакам да се заканувам со опасност овде, но очигледно во Германија и во Шведска и во неколку други земји се менува речникот. Тие зборуваат за подготвеност за војна, со што во последните неколку децении би завршила кариерата на секој политичар кој би рекол нешто такво, рече Шикорски.

Шикорски го критикуваше Западот што не забележал дека Путин војува со него веќе 15 години и дека рускиот претседател систематски се подготвува за тоа.

Слични содржини