Брнабиќ: Србија бара вонредна седница на СБ на ОН за Косово

од Radmila Tasevska
226 прегледи

Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска потврди дека Србија бара вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации поради „низата еднострани потези“ на косовскиот премиер Албин Курти, кои, според неа, тој ги направи „без никакви консултации“ со никого.

Брнабиќ за телевизијата Пинк изјави дека Србија ќе се бори „со сите дипломатски средства“. Таа истакна дека верува оти барањето за вонредна седница на Советот за безбедност на ОН е „почеток“ на нови дипломатски напори.

Зборувајќи за конститутивната седница на Националното собрание, која е закажана за утре, таа рече дека „искрено се радува на тоа“, и дека „Србија ќе биде стабилна“.

„Тоа е голем и важен ден“, рече таа и додаде дека очекува набрзо по конституирањето на српскиот парламент да се формира нова влада.

Инаку, српскиот претседател Александар Вучиќ пред неколку дена најави дека Србија ќе побара итна седница на Советот за безбедност на ОН во врска со ситуацијата на Косово. Тој оцени дека нападите врз српските заедници како и одлуката на ЦБК за укинување на динарот на Косово се со цел етничко чистење на Србите. Тој исто така соопшти дека Србија ќе продолжи да исплаќа пари на народот во Косово преку овластен и лиценциран транспортер во оклопни возила.

Слични содржини