Студенти организирани преку Универзитетското студентско собрание на УКИМ излегоа пред МОН да го искажат своето незадоволство поради доцнењата во исплатата на студентските стипендии и другите субвенции наменети за студентите. Протестот исто така е поддржан и од студенти од други студентски организации и други Универзитети.
“Сакаме промени, сакаме одговорност” извикуваа студентите кои револтот го изразуваат со свирежи, транспаренти и “црвени картони”, собрани на булеварот пред МОН кој е затворен за сообраќај.
Со протестот студентите бараат поголема ефикасност на МОН поради ненавремена исплата на студентските стипендии, задоцнети исплати на ваучерите за превоз, доцнења со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите, проблеми со мерката субвенциониран студентски оброк, поради непочитување на утврдените рокови и, како што велат, проблеми во координираноста помеѓу одделенијата во Министерството.
Претседателот на УСС на УКИМ Александар Николовски изјави дека се револтирани поради неисплаќањето стипендии и други субвенции за студентите.
-Покажуваме црвен картон кон вработените во МОН и УСС се залага студентите во иднина да бидат слушнати и нивниот глас да биде уважен. Во фб-статусот на министерот Јетон Шаќири беше напишано дека се легнати средствата, но според ветувањето средствата требаше да бидат легнати првично на средината на јануари, па крај на јануари. И тоа е само за стипендиите. Покрај тоа, имавме средства за ретроактивно исплата, имавме мерка ваучери за превоз, како и проблеми со студентскиот оброк. Така што, овој револт е создаден поради ненавремената исплата на сите мерки и неодговорното работење на самата институција, изјави Николовски.
На протестот учествува и неформалната организација „Студентски отпор“ која претходно закажа протест пред МОН во 16 часот, но се придружи на иницијативата на УСС на УКИМ и на заеднички протест во 14 часот заради масовност и единственост во барањата. Како што соопшти, „само обединети и заедно можеме да се избориме за нашите студентски права“.
Претходно од Владата соопштија дека средствата за постојните корисници за учебната, односно академска 2023-2024 година се исплатени. Новите корисници ќе бидат исплатени во текот на оваа недела.
-Исплатата за новите корисници ќе се реализира во текот на неделата, со што сите средства кои им следуваат на сите категории ученици и студенти ќе им бидат целосно исплатени. Апелираме до сите засегнати субјекти да ги црпат информациите од надлежните институции кои располагаат со детални и точни информации, со цел навремено, прецизно и точно информирање на јавноста и секако на учениците и студентите, се вели во соопштението од владината прес-служба.