Најтопол јануари забележан досега: 2024 година започна со нови топлотни рекорди

од Stefanija Kuzmanovska
215 прегледи

За првпат во историјата на планетата, во период од 12 последователни месеци, забележаno e затоплување од 1,5 степени Целзиусови во однос на прединдустриската ера, објави денеска Европската опсерваторија „Коперникус“, со објавата на новиот топлотен рекорд за месец јануари годинава.

Од февруари 2023 година до јануари 2024 година, глобалната температура на воздухот била за 1,5 степени Целзиусови повисока од периодот 1850-1900 година.

И со просечна температура од 13,4 степени Целзиусови, првиот месец од 2024 година беше најтоплиот јануари откако се направени мерењата, покажуваат податоците на европската мрежа.

Фактот дека температурата била за 1,5 степени повисока од февруари 2023 до јануари 2024 година, не значи дека е потребно надминување на границата за затоплување поставена на климатската конференција во Париз во 2015 година за да се спречат климатските промени и нејзините последици, рече Ричард Бетс, директор на студиите за климатски влијанија на Националната метеоролошка служба на Велика Британија.

Тој нагласи дека за ова е потребно стабилно да се мине таа граница во текот на неколку децении.

„Сепак, тоа е нов потсетник за длабоките промени што веќе ги донесовме во нашата глобална клима и на кои сега треба да се прилагодиме“, рече Бетс.

Брајан Хоскинс, директор на Институтот за климатски промени Грантам на Империал колеџ во Лондон, рече дека тоа е „брутално предупредување“ за итноста да се преземат мерки за ограничување на климатските промени.

Јохан Роксторм од Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам (ПИК) предупреди дека ова е „важен и катастрофален сигнал, предупредување што му кажува на човештвото дека се приближуваме до границата од 1,5 степени потопла клима побрзо од предвиденото“, пренесува Бета.

Климата веќе се загреа за околу 1,2 степени Целзиусови повеќе отколку во периодот 1850-1900 година. Со сегашната стапка на емисии, Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) предвидува дека границата од 1,5 степени Целзиусови има 50 отсто шанси да биде надмината во периодот 2030-2035 година.

Со просечна температура од 13,14 степени Целзиусови, јануари 2024 година е најтоплиот месец од почетокот на мерењата, по рекордната топла 2023 година.

Тоа е за 0,12 степени Целзиусови повисоко од претходниот рекорд за јануари, кој беше поставен во јануари 2020 година и за 0,70 степени повисок од просекот за периодот од 1991 до 2020 година.

„Коперникус“ наведува дека јануари е осми месец по ред во кој е соборена рекордната висока месечна температура.

Месецот беше одбележан со топлотен бран во Јужна Америка, каде беа забележани рекордни температури и разорни пожари во Колумбија и Чиле, со десетици смртни случаи во регионот Валпараисо.

И покрај епизодите на студени и понекогаш обилни врнежи во некои делови од светот, исклучително топло време беше забележано и во Шпанија и јужниот дел на Франција, како и во некои делови на САД, Канада, Африка, Блискиот Исток или Централна Азија.

Површината на океанот исто така е претерано загреана со нов јануарски рекорд од просечна температура од 20,97 степени Целзиусови. Тоа е вториот најтопол месец за површинскиот океан ако се пресметаат сите месеци, помалку од 0,01 степени Целзиусови од претходниот рекорд поставен во август 2023 година (20,98 степени Целзиусови). Оваа година започнува со уште еден рекордно топол месец, рече Саманта Баргес, заменик-шеф на службата за климатски промени на „Коперникус“, додавајќи дека „брзите намалувања на емисиите на стакленички гасови се единствениот начин да се запре порастот на глобалните температури“.

Во средината на јануари, Светската метеоролошка агенција и Националната океанска и атмосферска администрација на САД предупредија дека 2024 година може да ги собори рекордите од претходната година.

Слични содржини