На 11 февруари Музејот на современата уметност – Скопје бележи 60 години од основањето. Во пресрет на овој значаен јубилеј, оваа сабота на 10 февруари, со почеток во 12 часот, Музејот организира дневен настан – матине. Ексклузивно по 35 години ќе биде изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 –2023). По катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност започнуваат да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на Музејот. Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на МСУ е конзервирано од стручниот тим на Музејот и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања.
На јубилејниот настан во сабота ќе биде претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр.35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија и во кое се вклучени значајни оригинални прилози, кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности, практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти кои ги адресираат и вон-човечките простори.
Програмскиот дел за настанот вклучува и стручно водење низ тековните поставки со кустос-водич Бојана Јанева и симболичен коктел придружен со диџеј сет на Игор Спироски, во неформална атмосфера. Наедно, во книжарницата на МСУ е зголемена понудата на продукти во пресрет на јубилејот.