Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи денеска за првпат ќе биде примен на аудиенција кај папата Франциск, неговиот сонародник од Буенос Аирес, со цел да се подобрат односите во време кога нивната родна Аргентина минува низ тешка економска криза. 53-годишниот ултралиберален економист е во прва официјална посета на Рим, два месеца откако стана шеф на државата.
На аудиенцијата двајцата лидери се очекува да разговараат за можната посета на папата Франциск на Аргентина, каде што не бил откако беше избран за папа и стана поглавар на Католичката црква во 2013 година. Откако минатата година го обвини во кампањата за мешање во политиката, Милеи го ублажи својот тон и се залага за посета на папата на Аргентина.
Го нарече папата „имбецил“
За време на неговата претседателска кампања, Милеи го нарече Франциск, поранешниот надбискуп од Буенос Аирес, „имбецил“ и го обвини дека промовира комунизам. Сепак, тој подоцна се извини, велејќи дека „го почитува како поглавар на Католичката црква, како шеф на државата и како духовен водач на големото мнозинство Аргентинци“.
Папата, сепак, рече дека не обрнува премногу внимание на неговите навреди и дека е важно што прави политичарот кога е на функција, а не што зборува во кампањата.