Техничкиот премиер Талат Џафери вели дека се направени првите чекори за разрешување на прашањето за движењето на територијата на државата, во однос на возачките дозволи, сообраќајните книшки и осигурителни полиси.
-Во однос на потребите за комуницирање со надвор, треба да има судски процедури за да се обезбедат соодветните документи. Јас се надевам дека 650 илјади граѓани денеска, ниту имаат потреба, ниту имаат можност да ја напуштат државата. Самите граѓани треба да се најават и да се обратат до подрачните единици на МВР за замена на документите, рече Џафери од обиколницата на Тетово, одговарајќи на прашањето која е неговата порака за 650 илјади македонски граѓани кои од денеска не можат да ја напуштат државата без пасош со уставното име Република Северна Македонија.
Од синоќа на полноќ истече преодниот рок од пет години, односно одредбата од Преспанскиот договор, со која престануваат да важат патните исправи и документите за меѓународна употреба кои го содржат старото име на државата, Република Македонија.
Македонските државјани кои по 12-ти февруари се затекнати во странство и имаат стари патни исправи ќе можат да се вратат во земјава со патен лист, издаден во дипломатско-конзуларните претставништва. За разлика од пасошите, личните карти ќе важат, но само на територијата на нашата држава.