Поранешниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека на Украина треба да ѝ се даде перспектива за членство во Европската унија, но предупреди дека е скептичен кога се во прашање роковите и дека Брисел не треба да ветува нешто што не може да го исполни.
„Целосно се согласувам дека треба да има перспектива за членство на Украина. Но, јас сум против давање ветувања кои не можат да се исполнат во рокот кој Украина го сака. Ова би резултирало таа земја повторно да биде разочарана и да ѝ сврти грб на ЕУ“, изјавил Јункер.
Додал дека одлуката позитивно да се одговори на барањето на Украина за преговори е правилна.
„Но, сите учесници треба да знаат дека има предуслови што треба да се исполнат, за да не внесуваме непотребни проблеми во ЕУ“, рече Јункер, кој пред да биде избран за претседател на Комисијата во 2014 година, беше премиер на Луксембург речиси две децении.
Тој потврди дека во пресрет на декемвриската одлука на Брисел за преговорите со Украина, во интервју истакнал дека поради распространетата корупција во општеството, Украина нема да биде подготвена за членство во ЕУ долго време.
„Така реков, без разлика дали е паметно или не. Корупцијата, според моите сознанија, е континуиран проблем во Украина“, заклучи Јункер.