Ширум Украина утринава е прогласена тревога поради силен руски напад, а погоден е и главниот град Киев и неколку региони, каде има жртви и разурнувања, соопштија украинските власти.
Вооружените сили на Украина известија дека неколку авиони Ту-95МС полетале од аеродромот „Олења“ во областа Мурманск во Руската Федерација.
Исто така, беше објавено дека украинската противвоздушна одбрана е активна во Киев и во регионите Лавов, Хмелницки, Запорожје и Дњепропетровск.
„Украинската противвоздушна одбрана утринава ги одби руските ракетни напади врз Киев“, изјави градоначалникот Виталиј Кличко, кој ги повика жителите да останат во засолништа.
Соопштено е и дека силите за противвоздушна одбрана ги уништиле сите непријателски цели кои се движеле кон Киев, пренесува „Униан“.
„Три лица се повредени во Лавов во руски ракетен напад, а оштетени се 16 станбени згради и автомобили во близина“, соопшти шефот на регионалната државна управа на Лавов, Максим Козицки.
Според него, „евидентиран е удар во инфраструктурен објект во Лавов“, каде што избувнал пожарот, пренесува „Укринформ“.