Израел официјално се пожали откако висок функционер на Ватикан го осуди „масакрот“ во Газа и како што го нарече „несразмерниот“ одговор на Израел на нападот на Хамас на 7 октомври, пренесува „Ал Џезира“.
Израелската амбасада при Светата столица изјави дека коментарите на Пјетро Паролин, државниот секретар на Ватикан, се „за жалење“.
Во вторникот Паролин ги осуди нападите на Хамас и сите форми на антисемитизам, но го доведе во прашање тврдењето на Израел дека дејствува во самоодбрана, велејќи дека во Газа се случува „масакр“.
„Се повикува на правото на Израел на самоодбрана за да се оправда дека оваа операција е пропорционална, но со 30.000 мртви, тоа не е случај“, рече тој.
Амбасадата објави дека израелските сили дејствуваат во согласност со меѓународното право, додавајќи дека процентот на палестински цивили меѓу убиените „терористи“ е помал отколку во другите конфликти во Сирија, Ирак и Авганистан.
Исто така, според „Ал Џезира“, во уводникот на насловната страница на ватиканскиот весник L’Osservatore Romano со наслов „Стоп за масакрот“, директорот на редакцијата Андреа Торниели остро ги критикуваше израелските лидери во врска со нападот врз Газа.
„Никој не може да го дефинира она што се случува во Појасот како ‘колатерална штета’ од борбата против тероризмот“, напиша Торниели.
„Правото на одбрана, правото на Израел да се погрижи одговорните за масакрот во октомври да бидат изведени пред лицето на правдата, не може да го оправда овој масакр“, напиша тој.