Украдени суперлуксузни автомобили со вкупна вредност од еден милион фунти (1,2 милиони евра) беа пронајдени скриени во индустриски магацини во контејнери за транспорт за време на полициска рација во Норт Бенфлит, источно од Лондон (Велика Британија). Акцијата е резултат на истрагата за организиран криминал за кражба на автомобили од страна на Единицата за откривање украдени возила (SVIU) на полицијата во Есекс, пишува Daily Mail.
Како дел од рацијата, полицајците откриле четири украдени возила од областа Есекс и две од Лондон. Rolls Royce Cullinan, Aston Martin DB11, Mercedes AMG GT и Range Rover Vogue беа меѓу луксузните возила пронајдени во контејнерите. Пронајдени се и Ferrari и Range Rover украдени од неименувани ѕвезди од Премиер лигата. Дополнително, во другите два контејнери биле сместени Jeep Wrangler и чудно комбе Toyota Alphard.
Според главниот инспектор Ден Мекхју, операцијата била резултат на брза и координирана соработка меѓу полициските тимови. Вкупната вредност на возилата се проценувала на речиси милион фунти.
И покрај пронаоѓањето на возилата, истрагата продолжува за откривање на сторителите и враќање на возилата на нивните сопственици, како и дестинацијата каде требало да завршат автомобилите.
Специјалистичката единица за откривање украдени возила минатата година откри повеќе од 700 украдени возила во вредност од 27 милиони фунти, што е доказ за нивната решителност да се справат со кражбата на возила. Полицијата ја повикува британската јавност на соработка со давање информации кои би можеле да помогнат во пронаоѓање на украдените возила или идентификација на сторителите.
Од почетокот на 2021 година, тимот откри или идентификуваше повеќе од 1.800 возила во вредност од 58,5 милиони фунти и истражи 106 гаражи каде што украдените автомобили се демонтираат или се даваат лажни идентитети.