250
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, попладнево во Минхен се сретна со премиерот на Република Албанија, Еди Рама.
На средбата се истакнаа одличните билатерални односи и големото пријателство помеѓу Северна Македонија и Албанија, што е пример за добрососедство во регионот, а со тоа и придонес во стабилноста на Западен Балкан и во Европа.
Во однос на билатералните релации, се констатираше дека соработката е сеопфатна, има раст во трендот на трговска размена, политичкиот дијалог е редовен и на сите нивоа, а заедничка цел е европската интеграција на двете држави и на регионот.
На состанокот се нагласи дека двете држави, со европските политики се потребни на Европа и заслужија да станат полноправни членки на Унијата до 2030 година и дека преговарачкиот процес ќе овозможи ефективни реформски процеси и унапредување на животниот стандард според европскиот, што е очекување на граѓаните. Во таа насока се оцени дека најсериозната политичка потврда од ЕУ за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан, е Планот за раст за Западен Балкан, усвоен од Европската комисија. И, се истакна определбата за унапредување на капацитетите на економиите, со цел забрзан регионален економски раст и развој, согласно европските стандарди.
Премиерот Џафери го потврди присуството на Конференцијата на високо ниво посветена на Планот за раст на ЕУ, кон крајот на месецов во Тирана, констатирајки дека е уште една можност да се реафирмира посветеноста на регионот кон натамошното јакнење на регионалното поврзување и кон заедничкиот регионален пазар, како предуслов за подготовка за влез во европскиот заеднички пазар. А, го потврди присуството и на Самитот Југоисточна Европа – Украина, во Тирана, како можност за реафирмација на обединувањето со меѓународната демократска јавност, во одбраната на мирот.
На состанокот се разговараше и за очекувањата од претстојните претседателски и парламентарни избори во државава, пришто е потенцирана улогата на проeвропските политички субјекти коишто ја поставија државата на демократскиот евроатлантски пат и пред коишто е реализацијата на европските перспективи, од значење за сите во Република Северна Македонија, како и за регионот.