Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари вечерва пред почетокот на вонредниот конгрес на партијата, изјави дека очекува да бидат потврдени одлуките за коалицирање со албанската опозиција, како и неговата кандидатура за претседател на претстојните избори.
-Конгресот е свикан заради две главни точки. Првата за да ја добијам поддршката од конгресот за да се кандидирам за претседател на државата и да почнеме да ги собираме потписите. Втората работа е да се потврди коалицијата што треба да се случи утре, а потоа ќе имаме уште една точка за статутарни измени на одредби кои очигледно беа злоупотребени изминатиов период, рече Таравари.
Прашан што мисли за конгресот на поранешниот претседател на партијата Села, и претседател на партиското Собрание закажан за во недела, Таравари рече „ова е легитимниот конгрес“. Според него, за да се свика собрание потребни се две третини од делегатите, а Села немал ниту половина од нив. За тоа кого посакува за противкандидат од редовите на ДУИ, Таравари вели дека би сакал тоа да е претседателот на ДУИ Али Ахмети.
– Јас би го посакал Али Ахмети, но ќе ги почитувам и другите кандидати кои имаат поддршка од своите партии, истакна Таравари.
Конгресот се одржува два дена пред конгресот што го закажа Села, а на кој ќе се бара одговорност и разрешување на Таравари поради неговата одлука да влезе во коалиција со Европскиот сојуз за промени. Таравари, пак, вчера ја објави својата кандидатура за претседател со поддршка од париите во ЕСП.