Митрески и Бочварски: Инвестираме во инфраструктурата за да обезбедиме подобри услови за живеење и развој на општините

од Radmila Tasevska
335 прегледи

Претседателот на Собранието Јован Митрески и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во рамки на работната посета во Струга денеска извршија увид во рехабилитираниот пат до село Вишни во должина од 6 километри, инвестиција од 38 милиони денари, обезбедени преку ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта.

-Резултатите се видливи и граѓаните тоа го потврдуваат. Нашата работа е насочена токму кон подобрување на условите за живеење на граѓаните и тоа веќе на терен е видливо. Овие инвестиции во капитални проекти мора да продолжат и во следниот период за бенефитот да го уживаат граѓаните. Овој патен правец беше неопходен, беше барање на жителите и со заеднички сили успеавме да го рехабилитираме за да можат сите жители да добијат подобри услови и побезбеден сообраќај, истакна Митрески на средбата со жителите на Вишни.

Нагласи дека грижата кон граѓаните е на прво место и додаде дека нивните политики се насочени токму кон сите граѓани.

Бочварски потенцираше дека централната власт во континуитет инвестира во сите населени места за да го подобри животниот стандард и да ги помогне општините.

-Вишни и многу други населени места како Вишни сега имаат подобри и поквалитетни услови за живеење. И тоа е она што сакаме да го постигнеме со инвестиции во капиталните проекти. Капиталните инвестиции минатата година го достигнаа рекордното ниво од над 700 милиони евра. Тоа е показател дека државата инвестира во сите региони, рече Бочварски.

Жителите од Вишни, додаде, добија нов реконструиран пат и така е во сите региони.

-Инвестираме во патишта, во канализациски и водоводни системи, инвестираме во капитални добра со кои обезбедуваме подобри услови за живеење. И така е во континуитет. Она што е уште поважно е тоа што оваа година капиталните ги проектиравме на ниво од над 730 милиони евра што само по себе говори дека и оваа година ни претстои силна инвестициска активност, изјави Бочварски.

Слични содржини