Премиерката на Естонија, Каја Калас денеска преку соопштение на платформата Х соопшти дека земјата успешно ја прекинала хибридната операција на руските безбедносни сили на територијата на Естонија.
„Знаеме дека Кремљ е насочен кон сите наши демократски општества. Нашиот одговор е да бидеме отворени и да ги откриеме нивните методи. Ова е начин да се одвратат штетните дејствија и да не зајакне“, посочила Калас.
Естонскиот јавен сервис „ERR“ денеска извести дека Службата за внатрешна безбедност на земјата (ISS) привела десет лица како дел од кривична истрага поврзана со вандализам на автомобил на естонскиот министер за внатрешни работи минатата година, пишува „Reuters“.
Минатата недела Калас беше ставена на листата на лица по кои трага руската полиција. Потерница е распишана и по естонскиот државен секретар Таимар Петеркоп и литванскиот министер за култура Симонас Каирис. Во базата на податоци на руското Министерство за внатрешни работи не е наведено за какво кривично дело се бараат тројцата функционери.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека Калас се товари за непријателско делување против Русија и „сквернавење на историското сеќавање“. Руската новинаска агенција Тас цитира неименуван извор, кој вели дека тројцата функционери се товарат за „уништување на споменици на советски војници“.