Уште едно убиство на македонски државјанин во германскиот град Есен. Пред една недела била убиена 41-годишна жена од Кавадарци, јавува германски „Билд“. Како што јавуваат, жената била избодена од сопругот, најверојатно пред очите на нејзиниот син. Нејзините повреди биле толку тешки што искрварила до смрт, на подот од нивниот дом.
Постариот син (16) ја известил полицијата за убиството. Кога дошол дома околу 19 часот, неговиот помал брат стоел пред заклучената врата од станот. Тој бил вознемирен и раскажал дека мајка му е внатре и лежела на подот повредена.
Полицијата во Есен информира дека на местото на убиството имало докази за 47-годишен осомничен (Македонец), кој е сопруг на починатата жена и во моментов е уапсен.
Според „Билд“, се уште не е јасен мотивот за страшното злосторство. Како што јавуваат, по убиството пред домот, се собрале многу гневни членови на семејството на жртвата, но сепак, полицијата успеала брзо да ја смири ситуацијата.
Пред неколку дена пак, германските медиуми известија за убиство на 32-годишен Македонец, кое исто така се случило во Есен. Тој бил убиен во саботата, околу два часот по полноќ, откако бил нападнат од страна на две млади лица од Еритреја, кои го удирале со пивско шише, додека не се онесвестил. Бил пренесен во болница, но набргу починал. Двете осомничени лица биле приведени.
Според извори во неговото родно село Жировница, општина Маврово Ростуше, се работи за Емре Исмаили на возраст од 32 години кој бил на привремена работа во Германија. Исмаили работел како помошник менаџер во Мекдоналдс.