Појавувањето на војници на НАТО на територијата на Украина ќе доведе до директен конфликт со Руската Федерација и ескалација на ситуацијата, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков, одговарајќи на новинарско прашање за ризикот од ескалација и директен конфликт со НАТО во случај на појава на војници на Алијансата на територијата на Украина, посочи дека во тој случај не треба да се зборува за веројатноста, туку за неизбежноста на конфликтот, пренесе Интерфакс.
Песков, осврнувајќи се на вчерашната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон дека нема консензус за испраќање војници на европските земји во Украина, но дека „ништо не треба да се исклучи“, рече дека дискусиите на западните земји за можноста за испраќање свои војници во Украина претставува нов, многу важен елемент.