Летонија ја продолжи забраната за влез на руски туристи до март 2025 година

од Radmila Tasevska
179 прегледи

Владата на Летонија денеска соопшти дека ја продолжила забраната за влез на руски државјани во балтичката земја до март 2025 година, наведувајќи ја како причина руската инвазија на Украина, за која тамошните власти велат дека „продолжува да претставува закана за внатрешната безбедност на Летонија“.

Во соопштението за печатот од кабинетот на премиерката Евика Силина, се наведува дека влезот на руски државјани во Европската Унија и Летонија како туристи ќе биде забранет до понатамошно известување, но на некои Руси ќе им биде дозволен влез, вклучително и оние со дозвола за престој, важечка во Летонија или во друга земја-членка на ЕУ или Руси чиј влез е поврзан со хуманитарни причини како што се политички неистомисленици.

Во септември 2022 година, Полска заедно со другите балтички земји – Естонија, Летонија и Литванија постигнаа заеднички договор за ограничување на бројот на руски државјани кои влегуваат во нивните земји за да се спречат евентуални безбедносни ризици по почетокот на војната во Украина.

Летонија, членка на ЕУ и НАТО што се граничи со Русија, е дом на значителен број припадници на етничкото руско малцинство, кое сочинува околу 25 отсто од вкупното население на земјата од 1,9 милиони жители. Балтичката земја порано беше популарно место за одмор, а нејзиниот главен град Рига, популарна викенд дестинација за руските туристи.

Слични содржини