ВМРО-ДПМНЕ ги повикува пратениците на СДСМ и ДУИ да дадат поддршка за законот за продолжување на важноста на пасошите

од Nikola Popovski
241 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува пратениците од СДСМ и ДУИ да дадат поддршка на измените на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, по итна постапка, предложен токму од најголемата опозициска партија. Според партијата на Христијан Мицкоски, овие законски измени се единствениот излез од хаосот со турканиците и малтретирањата на граѓаните за вадење на лични документи.

-И покрај сите лаги и заблуди дека нема да се направи хаос и дека сите граѓани во законскиот рок ќе имаат можност за промена на документите, денес потребно е пратениците од мнозинството да се одважат и притиснат на копчето ЗА измени на Законот.

Над 600 илјади граѓани се во државен притвор, не можејќи да ја напуштат државата, а со тоа им се прекршени човековите права на слобода на движење само заради неспособноста на власта на ДУИ и СДС, додека стотици илјади наши иселеници се заглавени во држави во кои престојуваат.

Доста беа омаловажувањата на граѓаните од оваа неодговорна власт, доста беше театарот на ДУИ и СДС, сега се потребни решенија на проблемите, а единствено решение е гласање на измените на законот за патни исправи, за продолжување на важноста на пасошите, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ сметаат дека продолжувањето на рокот за пасош до 31 декември е спротивно на Уставот и меѓународните договори.

Претседателот Стево Пендаровски на 9 јануари кажа дека може да се пролонгира Законот за патни исправи до септември, оти, како што рече, нема смисла да продолжи хаосот со вадење нови документи. Според Пендаровски може во едно попладне да се интервенира во законите за лична карта, за патни исправи и во законот за безбедност на сообраќај, а претходно да се извести Грција дека Северна Македонија нема намера да бега од обврските до Преспанскиот договор.

Министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски изјави дека е срамота што Македонија „ги зароби граѓаните“ на својата територија, додека слободно можеле да се движат со македонскиот пасош со старото име во Швајцарија, Албанија, Косово, и за Германија.

Тошковски рече дека добил допис од Брисел дека Европската Унија нема да прави проблем доколку граѓани на Република Северна Македонија треба да патуваат со пасоши со старото уставно име.

Пратениците на 12 февруари оваа година по брза постапка ги изгласаа измените во законот за безбедност на сообраќајот, со што се овозможи датумите со важност на возачките дозволи со старото име на државата, наместо 12 февруари, да продолжат да важат до 31 декември 2024 година.

На 12 февруари оваа година истече периодот од пет години според одредбата од Договорот од Преспа потпишана во 2018 година, со која престануваа да важат патните исправи и документите за меѓународна употреба што го содржат старото име на државата.

Државата нема да ги извести другите земји дека престанува важноста на старите пасоши, но очекува флексибилност заради за проблемот со издавање нови пасоши, како што изјави неодамна министерот на надворешни работи Бујар Османи.

Слични содржини