Во заедничката изјава на Самитот во Тирана за Украина искажана едногласна осуда за руската агресија

од Radmila Tasevska
211 прегледи

Во заедничката декларација, усвоена од учесниците на денешниот Самит Украина-Југоисточна Европа, одржан во Тирана,, се наведува дека „учесниците едногласно ја осудуваат руската агресија врз Украина“.

Во Изјавата, објавена на веб сајтот на албанската Влада, се наведуваат имињата на учесниците, кои ја поддржале декларацијата, меѓу кои и македонскиот и српскиот претседател Стево Пендаровски и Александар Вучиќ, косовската претседателска Вјоса Османи, како и другите учесници.

„Неиспровоцираната воена агресија на Русија против Украина останува најголемата закана за европската безбедност и меѓународниот мир. Овој чин на агресија е неприфатлив; тоа е флагрантно кршење на меѓународното право, вклучително и Повелбата на ОН, и злосторство против украинскиот народ“, се истакнува во една од 12-те точки во Изјавата..

Исто така, потписниците ја повторуваат „непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“ во рамки на нејзините меѓународно признати граници од 1991 година и додаваат дека остануваат „посветени на обезбедувањето на Украина со потребната поддршка за да надвладее против руската агресивна војна за да се постигне сеопфатен, праведен и траен мир во согласност со Повелбата на ОН и врз основа на украинската формула за мир“.

Се повикува целата меѓународна заедница силно да ја зголеми поддршката за Украина во нејзината тековна борба за слобода, независност и територијален интегритет.

„Силно ги осудуваме намерите на Руската Федерација да одржи претседателски избори на привремено окупираните територии на Украина, што е јасно кршење на меѓународното право. Ја нагласуваме нелегалната природа на претстојните избори во Автономната Република Крим и градот Севастопол и на териториите окупирани од Русија во областите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон во Украина“, се наведува во Заедничката изјава.

Во неа се посочува дека за време на денешните дискусии во Тирана била потврдена солидарноста со Украина и нејзиниот народ во нивната херојска одбрана на својата слобода и заедничките вредности. „Ја изразивме нашата подготвеност да учествуваме во спроведувањето на Формулата за мир на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, која е во согласност со целите и принципите на Повелбата на ОН“.

„Убедени сме дека руската агресивна војна против Украина ја покажа критичната потреба и суштинската важност на обединета и силна Европа способна да одговори на глобалните предизвици за мирот и просперитетот на нашите народи. Истакнавме дека нè обединуваат заедничките европски вредности и визијата за нивен понатамошен развој во рамките на обединета Европа“, стои меѓу другото во Изјавата.

Потписниците на Изјавата ја потврдуваат својата решеност да ги интензивираат заедничките напори за да обезбедат понатамошен напредок и заемна поддршка кон членството на регионот на Западен Балкан, Украина, Република Молдавија и Грузија во Европската Унија.

Сојузниците во НАТО и земјите аспиранти ги поздравуваат чекорите преземени кон идно членство во НАТО и поддржуваат Украина да стане членка на Алијансата штом тоа го дозволат безбедносните услови.

„ Ние, пријателите на Украина, ја потврдуваме нашата силна верба дека само со обединување ќе можеме да ги вратиме мирот, стабилноста и праведниот просперитет на европскиот континент,  се наведува во заедничката изјава усвоена по Самитот Украина-ЈИЕ во Тирана.

Слични содржини