Андоновски: Ќе предложиме специјални регистарски таблички за службените автомобили во различна боја

од Nikola Popovski
345 прегледи

Министерот за информатичко општеество и администрација, Стефан Андоновски најави крај на злоупотребите на службените возила што се во сопственост на државните органи и на општините. Тој порача дека ќе предложат воведување посебни регистарски ознаки за нив.

-Сите службени возила на државните институции ќе бидат означени со регистарски ознаки во различна боја за нивно препознавање. На тој начин, секој граѓанин ќе може да забележи дали некое службено возило се користи надвор од работното време или спротивно на службените потреби. Ќе предвидиме и обврска за создавање на регистар на службени возила во сопственост на државните и јавните институции, истакна Андоновски од посетата на општина Кочани.

Трошоците за изработка на новите регистарски таблички и за потребната документација би биле на товар на државните органи или институциите кои се сопственици на возилата.

Бившата претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска беше децидна дека предупредувањата не се доволни и поради тоа функционерите добиваат слобода да ги користат службените возила за приватни цели. Според неа, ова се прави поради неказнивоста.

-За што сте виделе дека некој е казнет ако злоупотребил службено возило? Немаат срам. Дадовме предлог сите службени возила да бидат во една боја, како таксистите. На пример, во виолетова боја. Да бидат достапни и граѓаните да видат како се движат функционерите со службени возила. Не се спроведува таа активност. Се нема искрена намера да се спречат голем дел од непродуктивните трошоци, кажа неодамна Ивановска на завршната прес-конфенренција на Антикорупциската комисија.

Слични содржини