Во Газа се преговара за прекин на огнот. „Израел „повеќе или помалку“ го прифати договорот“

од Vladimir Zorba
193 прегледи

Израел „повеќе или помалку“ го прифати договорот за прекин на огнот во Газа, ставајќи ја топката на „дворот на Хамас“, рече американски официјален претставник, додека САД почнаа да носат хуманитарна помош во Газа.

„Договорот е на маса. Израелците повеќе или помалку прифатија. Шестнеделен прекин на огнот во Газа може да започне уште денес, доколку Хамас се согласи да ослободи прецизно дефинирана категорија ранливи заложници“, изјави американски официјален претставник пред очекуваното продолжување на преговорите, веројатно уште денеска во Каиро.

Агенцијата Ројтерс објави, повикувајќи се на египетски извори, дека денеска се очекува во Каиро да пристигнат делегации од Израел и Хамас. Но, друг извор на Ројтерс, запознаен со преговорите, рече дека Израел нема да испрати делегација додека не го има целосниот список на заложници кои се уште се живи.

„Разговорите сè уште се во тек“ за да се запечати договорот пред почетокот на Рамазан, светиот муслимански месец кој започнува за една недела, изјави официјален претставник за AFP кој сакаше да остане анонимен. Според него, во последните недели е постигнат значителен напредок, но како и секогаш „нема договор додека не се договори се“.

„Израелците начелно ги прифатија елементите на договорот“, рече претставникот. Тој прецизираше дека шестнеделното примирје е замислено како „прва фаза“, со цел да се постигне „нешто потрајно“ за да може да се достави хуманитарна помош во многу поголема мера.

Хамас не се откажа од својот став дека привременото примирје мора да биде почеток на процесот кон целосен крај на војната, изјавија египетски извори и претставник на Хамас за Ројтерс. Египетски извори, според Ројтерс, рекоа дека на Хамас му биле понудени гаранции дека условите за траен прекин на огнот ќе бидат разработени во втората и третата фаза од договорот.

Слични содржини