Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров одржа прес-конференција на која го најави отпочнувањето на серија јавни дебати за „Утврдување на интегритет на сите службеници кои работат на високо ризични работни места на граничната линија со примена на полиграф, како превентивна мерка за спречување на можна корупција”. Тој информираше дека проектот почнува откако на седницата на Владата одржана на 27.02.2024 година се донесени заклучоци Националниот координативен центар за гранично управување (НКЦГУ) да отпочне со подготовките за отворање јавна дебата за оваа тема, истите да ги спроведе и да поднесе извештај до Владата од спроведената јавна дебата, со предлог за натамошно постапување.
„Дискусиите на национално ниво ќе се одржат во период од март до април 2024 година, во организација на НКЦГУ со логистичка поддршка од Владата на Република Северна Македонија, на кои ќе бидат поканети претставници на надлежни национални институции (МВР, ЦУ, АХВ и ДИЗ) и засегнати национални институции (ЈО, АНБ, АР, УФР, УФП и УЈП), академската заедница, експерти и практичари, политички партии, амбасади на земји членки на Европската Унија, меѓународни организации, невладин сектор, здруженија на автобуски и камионски превозници, стопански комори и сите други заинтересирани страни. На вкупно петте поединечни сесии ќе бидат поканети медиумите”, изјави националниот координатор за гранично управување, Пивоваров.
Тој оцени дека ситуацијата со корупцијата на граничните премини и зелената линија, од осамостојувањето на државата до денес останува сложена, укажувајќи дека генерално корупцијата на граничните премини тангира два фундаментални сегменти по државата, а тоа се безбедноста и економијата. Доколку имаме само некој корумпиран службеник на граничната линија, можно е да бидат пропуштани наркотични супстанци, оружје, експлозиви и терористи што во голема мера би ја нарушило националната безбедност. Гледано од економски аспект, можниот внес на репроматеријали кои не се оцаринети или се оцаринети со помала царинска стапка од предвидената. Како што изјави тој, корумпиран службеник на граничната линија овозможува натамошно надградување на сивата економија, се до крајниот потрошувач, со што се нанесуваат енормни штети на буџетот на државата. Впрочем, сивата економија учествува во нашиот годишен БДП по укажувањето на Светска банка со 36%, а најголемиот дел од сивата економија започнува токму од влезот на стоките во државата на нашите ГП.
Националниот координатор Пивоваров оцени дека единствен начин за решавање на овој тежок проблем е примена на полиграфот како инструмент за утврдување на интегритетот на сите службеници кои работат на високо ризични работни места на граничната линија.
„Со примена на полиграфот се исклучува секоја можност за влијание од субјективна или објективна природа”, изјави тој и додаде дека ова е голем предизвик за секое општество, предлог за кој ќе се дискутира на сите нивоа со цел да се дојде до конечно решение со кое треба да се искорени корупцијата на граничните премини. Предлогот ќе наиде на силна реакција од оние кои не сакаат да се реши овој горлив проблем, како и од оние кои веќе се корумпирани.
На 17-иот состанок на Поткомитетот за правда и внатрешни работи, одржан на 15-16.03.2023 година, во Брисел, во делот за граничното управување, Европската комисија ја поздрави одлуката на Владата за формирање на Национален совет за спроведување на Националната стратегија за интегрирано гранично управување 2021-2025 и соодветниот Акциски план.
На 30.06.2023 година се одржа првиот состанок на Националниот совет за спроведување на националната стратегија за ИГУ 2021 – 2025 и годишните акциски планови , каде еден од предлозите беше токму отворање на јавни дебати за утврдување на интегритетот на сите службеници кои работат на високо ризични работни места на граничната линија со примена на полиграф, како превентивна мерка за спречување на можна корупција. Сите надлежни институции кои членуваат во Националниот совет (Министер за внатрешни работи- претседавач со Советот, Министер за надворешни работи, Министер за животна средина и просторно планирање, Министер за транспорт и врски, Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, директор на Царинска управа, директор на Државен инспекторат за земјоделство, директор на Државен санитарен и здравствен инспекторат, директор на Дирекција за радијациона сигурност, директор на Агенција за храна и ветеринарство, директор на Агенција за лекови и медицински средства- МАЛМЕД и Национален координатор за гранично управување) едногласно ја подржаа оваа иницијатива и дадоа безрезервна поддршка за поефикасно спроведување на Стратегијата.
Од јавните дебати се очекува оваа превентивна мерка да биде прифатена од учесниците, потоа одобрена од страна на Владата на Република Северна Македонија во форма на законски измени и проследена за усвојување до Собрание на Република Северна Македонија.
Главен тематски фокус на дискусиите ќе се однесува на: полиграфот како инструмент со чија примена се исклучува секоја можност за влијание од субјективна или објективна природа; оправданост, неопходност и потреба од примената на полиграфот за утврдување на интегритетот на сите службеници кои работат на високо ризични работни места на граничната линија; бенефит од употребата на полиграфот; дерогација на правото како крајна цел; секое службено лице кое работи на високо ризично работно место на граничната линија, еднаш годишно задолжително мора да биде ставено на полиграфско тестирање, а по барање на надлежниот Јавен обвинител и пред изминување на годишното задолжително полиграфирање; службеното лице кое нема да го помине полиграфскиот тест, веднаш се отстранува од работното место, а за негативниот полиграфски тест, по службена должност надлежната институција каде е вработено службеното лице, го известува надлежниот Јавен обвинител; службено лице кое одбива да биде полиграфски тестирано, да биде отстрането од работното место, како и дополнителни теми што ќе бидат предложени од учесниците.