Колективен договор за државните универзитети по изборите, најави Џафери

од Nikola Popovski
195 прегледи

Решението за петте државни универзитети кои бараат колективен договор е да се чека да завршат претседателските и парламентарните избори, порача денеска техничкиот премиер, Талат Џафери.

Џафери потенцира дека во моментов пречка е тоа што се распишани избори, а според членот 8а од Изборниот законик децидно е забрането потпишување колективни договори по распишување на изборите. Штрајкот и протестот, вели премиерот, е неприкосновено право на секој граѓанин, но тој смета дека во овој момент притисоците и барањата кои доаѓаат синдикатите од пет државни универзитет се од политички карактер.

Уверува дека универзитетите ќе го остварат своето право на колективен договор по изборите.

Вработените од петте јавни универзитети во Битола, Тетово, Штип, „Св. Апостол Павле“ во Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје, пред два дена излегоа на мирни протести зашто не им се потпишани колективните договори, со што останаа покуси во платите за 22 проценти за разлика од колегите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, каде веќе е спроведен ваквиот договор.

Над 5.000 професори, асистенти и останати вработени во овие универзитети бараат потпишување на колективниот договор и зголемување на платите за 22 насто.

Слични содржини