Специјалниот известувач на ОН за правото на хранам Мајкл Фахри, изјави денеска дека Израел го уништува системот за храна во Газа како дел од пошироката „кампања за изгладнување“ во војната против членовите на палестинската милитантна група Хамас, пренесува Ројтерс.
Говорејќи пред Советот за човекови права на ОН, Фахри рече дека телото не прави доволно за да им помогне на цивилите во Појасот Газа. Тој ја опиша израелската кампања за гладување против палестинскиот народ во Газа како „геноцид“, велејќи дека Израел ги користи храната и гладот како оружје.
„Сликите на гладување во Газа се неподносливи, а вие не правите ништо. Израел започна кампања на изгладнување против палестинскиот народ во Газа“, предупреди тој.
Во врска со неодамнешната достаба на помош за Газа по воздушен пат, Фахри посочи:
„Тоа е како да му ставате фластер на некој кој е на умирање. Тоа има многу мало непосредно и долгорочно влијание“, нагласи тој.
„Меѓу хуманитарните работници и земјите што користат авиони е јасно дека овие акции се скапи и не се многу ефикасни. Всушност, понекогаш воздушните достави може да предизвикаат многу хаос и проблеми бидејќи храната е расфрлана насекаде, без системски начин на дистрибуција “.
Тој смета дека наместо да се трошат време и пари на такви скапи авионски достави, „земјите како САД и другите што ги обезбедуваат овие авиони треба да се фокусираат на обезбедување итен прекин на огнот со вршење притисок врз Израел да дозволи да влезе неограничена хуманитарната помош.“
Фахри потсети дека Израел го прекина и водоснабдувањето за Газа веднаш по почетокот на војната на 8 октомври и рече дека Газа била целосно под опсада на 9 октомври.
Правната советничка во израелската мисија во ОН, Јела Цитрин, ги нарече обвиненијата на Фахри очигледна лага.
„Израел целосно ги отфрла наводите дека го користи гладот како оружје за војна“, истакна таа, а потоа ја напушти просторијата во знак на протест.
Хуманитарните организации ги обвинија за критичната ситуација со храната во Појасот Газа воените операции, несигурноста и широко распространетите ограничувања на испораката на основните прехранбени производи во ранливата палестинска енклава, која е уништена од израелската офанзива против Хамас, во која, според палестинските власти, повеќе од 30.000 луѓе загинаа за време на петмесечниот вооружен конфликт.