Американскиот новинар Такер Карлсон ги нарече зборовите на американскиот претседател Џо Бајден за Украина за време на неговото обраќање за Состојбата на нацијата во Конгресот, како бесмислици на еден лудак.
Карлсон го окарактеризира говорот на Бајден како најмрачниот говор што некогаш го одржал некој американски претседател, а не бил во американски дух, додавајќи дека Бајден е суров и злобен демагог.
Имено, Бајден во своето излагање посочи дека „Украина може да го запре Путин“ со американска поддршка. Тој го повика и Конгресот да утврди и да му достави на потпис нацрт-закон за помош на Киев.
„Една по друга лага . ‘Украина може да го запре Путин’. Не, не може. Тоа трае повеќе од две години. ‘НАТО е посилен од кога било досега’. Не, не е така. Тоа се бесмислици на еден лудак,“ изјави Карлсон.
— Tucker Carlson (@TuckerCarlson) March 8, 2024
Контроверзниот новинар смета дека Бајден објаснил дека неговиот клучен приоритет нема врска со САД туку дека е испраќање нови милијарди долари во Украина. Карлсон повторни дека најважно за Бајден е обезбедувањето помош за Украина.
„Не му е приоритет да ја запре инвазијата на нарко-картелите во нашата земја кои контролираат голема територија на југот на САД, не му се приоритет понижувачката состојба на економијата која секојдневно ја гледате ниту уништените училишта во кои децата воопшто не можат да учат“, вели американскиот новинар.
Бајден вчера држа говор во американскиот Конгрес посветен на состојбата на нацијата велејќи дека слободата и демократијата се нападнати и дома и во странство. Говорот траеше еден час и осум минути, а во текот на презентацијата неколку пати беше прекинуван со извици и обвинувања дека лаже.