Ескобар неделава во Приштина, ќе разговара за дијалогот и за укинувањето на динарот

Не сакам да навлегувам во тоа какви ќе бидат последиците, но сметам дека нашите јавни изјави доволно јасно говорат за насоката во која се тргнати нашите дипломатски и политички врски, предупредува Ескобар.

од Бети Божиноска
170 прегледи

Заменик-помошникот американски секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, ќе ги посети Белгија, Австрија, Црна Гора и Косово од 10 до 18 март, а во рамките на посетата на Приштина, како што соопшти Стејт департментот, со претставници на косовската влада ќе разговара за дијалогот меѓу Белград и Приштина и за одлуката на Централната банка на Косово за укинување на динарот, пренесува „Косово онлајн“.

Според соопштението од Стејт департментот, за време на престојот во Белгија, Ескобар ќе се сретне со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, и со други претставници на Европската унија и на НАТО, со кои ќе разговараат за напорите за унапредување на реформите кои ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет на регионот на Западен Балкан.

Во Косово, Ескобар ќе се сретне со лидерите на косовската влада, граѓанското општество и на Заедниците на косовските Срби со намера да ја истакне континуирано силната поддршка на САД за Дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, предводен од ЕУ.

„Специјалниот претставник ќе одржи состаноци за влијанието на новите регулативи на Централната банка на Косово врз готовинските операции и ќе поттикне чекори за да се осигура дека потребите на граѓаните на Косово се задоволуваат целосно и без прекин“, се вели во соопштението од Стејт департментот.

Ескобар минатиот месец ја критикуваше косовската влада откако Приштина не го послуиша барањето од САД  за српскиот динар.

„Не сакам да навлегувам во тоа какви ќе бидат последиците, но сметам дека нашите јавни изјави доволно јасно говорат за насоката во која се тргнати нашите дипломатски и политички врски. Сериозно сме загрижени бидејќи владата на Косово не се однесува кон нас како кон партнер, не соработува со нас на регионалната стабилност, и го поткопува дијалогот на кој САД му се целосно посветени,“ истакна тој.

И американскиот помошник- државен секретар за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан, во средината на февруари ја критикуваше одлуката на ЦБК за забрана на динарот и за неподготвеноста на владата во Приштина да се однесува во согласност со барањата на меѓународната заедница, посочувајќи дека „на Америка ѝ е јасно оти Курти не ја третира како партнер“ и порачувајќи ѝ на Приштина дека ако Косово не сака партнер, и тие не го сакаат.

„Не се заканувам. Само велам дека ако не не третираат како партнер, и ние нема да ја третираме владата на Косово како партнер,“ рече тој.

Слични содржини