Фелипе Маса официјално поднесе тужба против ФИА и ФОМ пред судот во Лондон, во врска со неправилностите околу Големата награда на Сингапур во Формула 1 во 2008 година.
Потсетуваме дека минатата година Бразилецот изјави дека ќе ги бара своите права за сезоната 2008, во која ја загуби титулата од Луис Хамилтон со само еден поен разлика. Коментарите на Маса дојдоа откако поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстоун, во интервју претходно оваа година откри дека тој и Макс Мозили имале информации за манипулациите на Рено на Големата награда на Сингапур пред крајот на шампионатот.
Сепак, двајцата намерно молчат за да го заштитат спортот од втор голем скандал во рок од само две години. Во 2007 година, Формула 1 беше потресена од шпионскиот скандал меѓу Ферари и Мекларен.
Вистината за она што се случи во Сингапур во септември 2008 година излезе на виделина во летото 2009 година. Тогаш Нелсон Пике Џуниор призна дека намерно се удрил за време на трката во Марина Беј, што предизвика период на безбедносно возило, со кој му помогна на тимскиот колега Фернандо Алонсо да победи на трката.
Во овој момент, ФИА не можеше да го промени исходот од сезоната 2008, бидејќи резултатите беа веќе официјални. Но, според Маса, откритието на Еклстоун дека тој и Мозили, кој во тоа време беше претседател на ФИА, знаеле за инцидентот и намерно го прикриле, му дало шанса да ги поништи резултатите на суд.
„Господин Маса бара изјава од ФИА дека имало прекршување на правилата со неуспехот да се истражи адекватно несреќата на Нелсон Пике Џуниор на ГН на Сингапур во 2008 година. Доколку ФИА постапеше адекватно г-дин Маса ќе ја освоеше светската титула таа година. Господинот Маса исто така бара компензација за финансиските загуби што ги претрпе како резултат на неактивноста на ФИА, за што се виновни и г-дин Еклстоун и ФОМ. Нашите напори да дојдеме до решение беа неуспешни, што не му остава друг избор на г-дин Маса освен да ги бара своите права преку судовите“, рече адвокатската канцеларија што ја застапува Маса во тужбата.
Според непотврдени информации на motorsport.com, Маса бара отштета од 60 до 150 милиони фунти.