Вицепремиерот Фатмир Битиќи тврди дека реални се ветувањата за покачување на просечната плата за четири години на над 1.000 евра. Ова според него се должи на сите направени анализи за зголемување на продуктивноста, за недостигот на работна сила и подобрување на конкурентноста.
Тој најави дека овој тренд на раст на платите ќе ја опфати и минималната плата која за четири години очекува да се зголеми над 600 евра.
„Се знае главната економска понуда за претстојните избори, контурите се знаат, а тоа подобрување на квалитетот на животот на нашите сограѓани“, рече синоќа вицепремиерот и потпретседател на СДСМ во видео-интервју за „360 степени“.
И екс-премиерот и актуелен лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски најави дека по изборите, „во вториот мој мандат, просечната плата ќе биде 1000 евра, а минималната 600 евра“. Тој воедно посочи дека подобар животен стандард е можен исклучиво со успешна економска приказна. Затоа, според него, С. Македонија не смее да се откаже од европскиот пат и од просперитетната иднина за младиите како и од здрава и силна економија по европски стандарди, со пристап до пазар од половинина милијарда луѓе.
Според ДЗС, просечната плата во декември минатата година изнесувала 39.998 денари. Минималната плата во моментов изнесува 20.175 денари, додека од овој месец власта вети дека истата ќе изнесува 22.500 денари.