Леонид Волков (43), долгогодишниот сојузник на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални бил нападнат пред својот дом во Литванија, пренесува Би-би-си.
Неколку часа пред да биде нападнат, Волков дал изјава за рускиот информативен портал „Медуза“ во која изразил загриженост за својата безбедност по смртта на Навални, за која претходно го обвини рускиот претседател Владимир Путин.
„Клучниот ризик сега е дека сите може да бидеме убиени. Повеќе од очигледно е зошто,“ рекол тој.
Волков е еден од најистакнатите опозициски фигури во Русија и беше близок доверлив соработник на Навални, работејќи како поранешен шеф на кабинетот на покојниот опозициски лидер и како претседател на неговата Фондација за борба против корупцијата до 2023 година.
An close associate of Alexei Navalny, Leonid Volkov, was attacked outside of his home. “His car window was broken with a hammer and tear gas was sprayed into his eyes, after which the assailant began to beat Mr. Volkov with the hammer.” – writes Kira Yarmysh pic.twitter.com/DJFcYIwCRp
— TV Rain Newsroom (@tvrain_english) March 12, 2024
„Волков е нападнат пред неговата куќа во Вилнус додека бил во својот автомобил во вторникот вечерта. Некој му го скршил прозорецот од автомобилот, го испрскал со солзавец во очите, по почнал да го удира Леонид со чекан,“ изјави портпаролот на Навални, Кира Јармиш.
Наводниот напаѓач не е познат, како ни неговиот мотив. Литванската полиција е информирана за инцидентот и води истрага. Портпаролот на литванската полиција, Рамунас Матонис, потврди дека руски државјанин бил нападнат во близина на својот дом во Вилнус.
Иван Жданов, уште еден член на тимот на Навални, на социјалните мрежи објави фотографии на Волков со раскрвавена потколеница на левата нога и со модринка на слепоочницата. На прашањето дали напаѓачот извикал нешто, Жданов рече:
„Сè се случило во тишина. Се разбира, ова е јасен политички напад, тука нема сомнеж“.
Сопругата на Волков, Ана Бирјукова, изјави дека освен што се движи со потешкотии поради ударите во ногата, Волков има и скршена рака.
„Сите ќе работиме уште повеќе. И со уште поголем гнев“, објави Бирјукова на „X“.
Шефот на литванската дипломатија, Габриелиус Ландсбергис, го осуди нападот на Волков во пост на социјалните мрежи.
„Веста за нападот на Леонид е шокантна. Властите си ја вршат работата, а напаѓачите ќе мора да одговараат за своето злодело.“
Од безбедносни причини, Волков веќе неколку години живее надвор од Русија за своја безбедност. Тој му беше шеф на персоналот на Навални се до неговата ненадејна смрт во затвор на рускиот Арктик минатиот месец додека отслужуваше 19-годишна затворска казна на која беше осуден со политички мотивирани обвиненија.
И Волков се соочува и со различни политички мотивирани обвиненија во Русија. Тој беше претседател на Антикорупциската фондација на Навални до лани кога поднесе оставка по сознанијата дека потпишал писма во кои бара ЕУ да се откаже од некои руски санкции.
И покрај тоа што живее надвор од Русија, Волков се грижеше активизмот на Навални и неговиот тим да продолжи. Ова вклучуваше антикорупциски истраги, видеа на YouTube и преноси во живо од протести и големи настани во Русија.
Многу руски активисти му се придружија на Волков во странство во 2021 година откако целата политичка организација на Навални беше означена како „екстремистичка“ и беше забранета во Русија. Неколкумина од поранешниот тим на Навални сега се во затвор, како и дел од неговите адвокати.