Руските граѓани се тие што ќе донесат одлука за иднината на земјата преку учество на претстојните претседателски избори, нагласи денеска рускиот претседател Владимир Путин во видео-обраќањето до нацијата на Првиот канал на државната телевизија пренесува ТАСС.
„Само вие, руските граѓани, можете да одлучир за иднината на татковината. Би сакал да нагласам дека единствениот извор на моќ во нашата земја е народот. Ова е клучна законска одредба во рускиот устав“, истакна Путин.
Тој истакна дека луѓето „не само што ќе гласаат, туку ќе ги декларираат својата волја и напори за своето лично вклучување во понатамошниот развој на Русија, бидејќи изборите се чекор во иднината“.
„Нивните резултати директно ќе влијаат на развојот на земјата во наредните години. Ова е важен, исклучително одговорен настан. Затоа, како актуелен шеф на државата, сметам дека е неопходно да ви се обратам денеска“, додаде тој.
Рускиот лидер посочи дека општеството треба да биде обединето за да продолжи да ги надминува тешкотиите и за соодветно да одговори на сложените предизвици.
„Веќе докажавме дека знаеме да бидеме заедно, да ги браниме слободата, суверенитетот и безбедноста на Русија, да ги браниме нашите вредности, традициите, историјата и културата, да постапуваме според совеста и вистината, според правдата“, рече тој.
Путин објасни дека учеството на претстојните избори е показател за патриотските чувства и дека важноста на учеството на изборите најдобро ја разбираат жителите на Донбас и на Новорусија, кои, како што рече, во најтешки услови на референдумите гласале за единство со Русија.
Тој истакна дека за време на гласањето на претседателските избори ќе треба да го направат својот избор и жителите на новите региони.
„Ќе гласаат и нашите војници на фронтот. Тие, покажувајќи храброст и херојство, ја бранат татковината. И со своето учество на изборите ни даваат пример на сите нас“, нагласи Путин во обраќањето до Русите.
Путин досега осумпати ѝ се има обратено на нацијата пред федералните избори: во 2000, 2004, 2016, 2018 година (двапати пред претседателските избори и по објавувањето на нивните резултати), во 2021 година и во 2020 година пред националниот референдум за уставни измени.
Советот на Руската Федерација, горниот дом на Парламентот, официјално го одреди 17 март како ден за претседателските избори. Руската Централна изборна комисија (ЦИК) соопшти дека гласањето ќе трае три дена, од 15 до 17 март.
Во трка за највисоката функција се четворица кандидати: Владислав Даванков како кандидат на партијата „Нов народ“, независниот кандидат и актуелен претседател Владимир Путин, Леонид Слуцки како кандидат на Либерално-демократската партија на Русија и кандидатот на Комунистичката партија на Руската Федерација, Николај Харитонов.