Кенсингтонската палата работи деноноќно за да го испланира големото враќање на Кејт Мидлтон, принцезата од Велс, во јавниот живот по операцијата на абдоменот. Еве како би можело да изгледа враќањето на жената која стана попопуларна од Бајден и Трамп ширум светот.
Тимот составен од најблиските соработници на Кејт Мидлтон и принцот Вилијам, нивниот тим за комуникација и поранешен персонал во палатата се консултираат и се дел од строго тајниот проект. Кралските извори велат дека персоналот на палатата побарал помош и совет по бурниот период околу отсуството на принцезата од кралскиот живот по абдоминалната операција во јануари.
Британските медиуми јавуваат дека тимот задолжен за осмислување на новиот распоред на Кејт консултирал двајца поранешни помошници, познати како „добро етаблирани експерти за односи со јавноста“. Еден од нив е нејзиниот нов приватен секретар, потполковник Том Вајт, кој му се приклучи на кралскиот тим во јануари.
Тој претходно служеше како помошник на покојната кралица Елизабета Втора од ноември 2020 година до нејзината смрт во септември 2022 година. Новиот приватен секретар на принцот Вилијам е поранешниот дипломат Иан Патрик, исто така е дел од високиот тим.
Тој работеше под лордот Ешдаун кога беше во Босна од 2002 до 2006 година пред да се приклучи на Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој. Патрик е и повереник на добротворната организација „Crohn’s & Colitis UK“.
„Тимовите работат деноноќно за да направат план како да ја вратат принцезата од Велс на работа по неколкунеделен огромен притисок. Сите знаат дека светот ќе ја гледа по неколку недели засилени шпекулации и често чудни коментари на социјалните мрежи“.
Одлуката, одобрена и од принцот и од принцезата од Велс, следи по неколкунеделниот хаос во палатата Кенсингтон, додека кралското семејство се бори со чудни теории на заговор за состојбата и локацијата на Кејт.
Кејт, која последен пат беше видена на кралска должност на Божиќ, не можеше да ги извршува службените обврски откако беше примена во болница за планирана операција. Во меѓувреме, Кејт го продолжи своето закрепнување дома во Виндзор, откако помина 13 дена во Лондонската клиника во Мерилебон, централен Лондон.
Разговорите меѓу постарите членови на тимот вклучувале сценарија каде принцезата би можела отворено да зборува во јавноста за нејзината состојба и закрепнување. Изворите рекоа дека ако принцезата одлучи да биде поотворена, можеби ќе одлучи да се осврне на тоа во интервју или подкаст.
Во времето кога палатата го најави престојот на Кејт во болница, изворите сугерираа дека таа би можела да зборува за нејзината здравствена битка, но само откако ќе се врати на работа.
„Во тек се дискусии во кои се вклучени сениорскиот тим во палатата Кенсингтон и тимот за комуникации. Секако, се водат дискусии со поранешни вработени како дел од нашите тековни операции“, изјави еден извор за Мирор.