Дачиќ: Се уште неизвесна седницата на СБ на ОН за НАТО бомбардирањето на Југославија

Дачиќ истакнa дека „не треба да нè интересира односот меѓу големите сили туку жртвите и начинот на кој е извршен нелегалното бомбардирање.“

од Бети Божиноска
216 прегледи

Српскиот технички министер за надворени работи, Ивица Дачиќ, изјави денеска дека се уште не се знае дали на 25 март ќе се одржи седница на Советот за безбедност на ОН на барање на Русија по повод 25-годишнина од бомбардирањето на НАТО на СР Југославија кое започна на 24 март 1999 година, пренесува „Политика“.

„Не знаеме дали седницата воопшто ќе се одржи бидејќи пред неа се гласа за процедурално да се види дали треба да се одржи или не. Негативниот исход од гласањето ќе ѝ наштети на Русија“, изјави Дачиќ за „ТВ Пинк“.

Тој нагласи и дека тој како претставник на Србија треба да оди на таа седница.

Русија барала седницата да се одржи точно на денот, на 24 март, но нејзиното одржување беше поместено за понеделник, 25 март, бидејќи СБ не работи во сабота и недела.

„Тоа е уште еден показател за односот на Западот кон таа тема, кон страдањата на српскиот народ и злото што ни го нанесоа во тоа време“, рече Дачиќ, истакнувајќи дека „не треба да нè интересира односот меѓу големите сили туку жртвите и начинот на кој е извршен нелегалното бомбардирање.“

Дачиќ во понеделникот изјави дека Јапонија, како претседавач со Советот за безбедност овој месец, рекла дека ќе го исполни барањето на Русија.

„Тоа не значи дека можеби нема да има дополнителни опструкции, но како што сега стојат работите, таа седница е закажана во понеделник на 25 март во 15 часот ,“ изјави Дачиќ, посочувајќи дека не верува оти земјите што го извршија бомбардирањето ќе имаат грижа на совест или дека ќе кажат дека згрешиле, но, како што истакна, „важно е да се слушне нашата вистина за сето ова.“.

Се чини дека претчувството на Дачиќ може да се покаже како точно со оглед на шпекулациите во медиумите дека Западните сили на секој начин се обидуваат да го спречат одржувањето на седницата за, како што тврдат, „да не излезе на виделина вистината за криминалот на Алијансата“.

Руските медиуми цитираат дипломатски извори кои велат дека „се врши огромен притисок криминалот на НАТО да се отстрани од агендата на највисоката светска организација.“

Дека седницата се уште не е официјализирана, потврдува и веб-страницата на Советот за безбедност на ОН, каде што расправата за агресијата на НАТО се уште не е закажана за во понеделник.

Слични содржини