Германскиот министер за финансии, Кристијан Линднер изјави дека поради стареењето на населението во неговата земја потребни се структурни реформи, пренесе АА.
Министерството за финансии пред германската влада го претстави шестиот извештај за одржливоста на јавните финансии.
Зборувајќи во Берлин по повод презентацијата на документот, Линднер рече дека овој извештај е еден вид повик до политичарите да иницираат структурни реформи во областите како што се пензиите и здравството.
„Постоечката структура на пензиско и здравствено осигурување не може да се финансира долгорочно во сегашната форма“, рече тој.
Тој нагласи дека на Германија итно и е потребна нова агенда за економски раст, додавајќи дека „економскиот пресврт“ насочен кон поголема конкурентност е клучен за државата да има доволно средства за исполнување на обврските и гарантирање на социјалната сигурност во наредните години.
Линднер рече дека е неопходно да се иницираат реформи во другите области на најголемата европска економија.
„Мораме да го мобилизираме постоечкиот потенцијал на пазарот на трудот и да обезбедиме дополнителна квалификувана работна сила од странство. Згора на тоа, основата на една социјална држава ориентирана кон иднината е силна економија“, рече тој.
Тој предупреди дека населението во Германија старее.
„Имаме помал потенцијал за раст во споредба со минатото. Ова придонесува за влошување на долгорочните економски перспективи на нашата земја“, додаде Линднер.