По повод првиот ден на пролетта во сите основни училишта и градинки во Општина Центар се проведува еко акција во која наставниот и воспитниот кадар заедно со дечињата и учениците го чистат сметот и садат нови цвеќиња и садници. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски им се приклучи на учениците во ООУ „Ј.Х. Песталоци”, а со донации на цветен расад се приклучија и нашите пријатели од Рамстор во ООУ „Гоце Делчев”.
„Еко акциите кои денеска се спроведуваа во сите училишта и градинки имаат одличен едукативен карактер за децата од градинките и ученици. Тие се одличен пример да ја развиваме свеста за чиста и уредена средина, дополнително садењето цвеќиња и садници ќе ги разубават и развеселат предучилишните и дворовите во училиштата, а воедно и ќе придонесат кон заштитата на животната средина и прочистувањето на воздухот. Затоа е потребно вакви еко акции да имаме повеќе и на различни локации”, порача Герасимовски.
Во рамки на Меморандумот за соработка, Пакомак неколкупати одржа еко часови каде ги запозна основците со правилното селектирање на отпадот и бенефитот од неговото рециклирање. Во училиштето има поставено и машина се селектирање на пластични и стаклени шишиња и лименки и за секое од нив Пакомак одвојува по 2 денари за училиштето, еден денар за реквизити, еден за Фондот за талентирани ученици.